Саутгејт: Ми беше животна чест да ја водам Англија, но време е за промени

Фудбалската репрезентација на Англија за време на летото ќе мора да пронајде нов кормилар, откако Герет Саутгејт реши да си поднесе оставка од позицијата шеф на стручниот штаб. 

<<< - ПОВРЗАНО - ОФИЦИЈАЛНО: Герет Саутгејт си поднесе оставка и повеќе нема да ја води Англија!

По сопствена желба, но и огромен притисок од јавноста поради поразот во уште едно европско финале, Саутгејт реши да се повлече. Тој испрати емотивно писмо преку веб-сајтот на Фудбалскиот сојуз на Англија. Доскорешниот селектор нагласи дека е горд за работата што ја направил заедно со играчите и стручниот штаб, но призна дека е време за промена.

„Како горд Англичанец, ми беше животна чест да играм и да ја предводам Англија како селектор. Ми значеше премногу, дадов сè што имав. Сепак, време е за промена, ново поглавје. Неделниот натпревар во Берлин против Шпанија беше мој последен како селектор на Англија. 

Се приклучив на Фудбалскиот сојуз во 2011 година, одлучен да помогнам во подобрувањето на англискиот фудбал. Во тоа време, вкучувајќи ги и осумте години како селектор на сениорскиот тим, бев поддржуван од брилијантни луѓе, на кои сум благодарен.

Имав привилегија да ја водам Англија на 102 натпревари, на секој од нив со гордост дека ги имаме трите лава на дресот. Тимот кој го имав во Германија беше полн со млади и талентирани играчи кои можат да го освојат трофејот што го сонуваат. Многу сум горд на нив. 

Ги имаме најдобрите навивачи на светот, а нивната поддршка ми значи најмногу на светот. Јас сум бил и ќе бидам навивач на Англија до крајот на животот. Сакам во иднина да гледам и славам како репрезентативците градат уште повеќе специјални сеќавања. 

Благодарм Англија, за сè“, напиша Саутгејт.

Речиси осум години Герет Саутгејт беше англиски селектор, од септември 2016 година. По 102 натпревари на клупата тој заминува, а Англичаните треба да го назначат неговиот наследник во следниот период.