• Горан Упале
Селекторот на Англија, Герет Саутгејт, се приклучи на групата тренери кои ја критикуваа Европската фудбалска унија (УЕФА) за неподготвеноста да го промени правилото за бројот на играчи на претстојното Европско првенство.
Сè повеќе селектори изразуваат мислење дека има огромен товар врз играчите, резултат на тоа е големиот број повреди во текот на сезоната, па сметаат дека е потребно проширување на ростерот на тимот. Веќе неколку тренери се заложија за тезата дека УЕФА треба да го зголеми составот на тимот од 23 на 26, за да има повеќе мир во тимот, во случај на евентуални повреди.
„Имавме уште една средба со УЕФА, на која се зборуваше од страна на некои тренери за можно зголемување на бројот на играчи. Мораме да ги донесеме најдобрите одлуки со она што го имаме, а некои од нив ќе се базираат на медицината. Успеавме да ја направиме вистинската работа на претходните турнири, успеавме да им дадеме поголема минутажа на повеќе играчи, но со 23 играчи дефинитивно е потешко“, изјави Саутгејт.
Само минатата недела Саутгејт беше принуден да ги ослободи Хари Кејн и Букајо Сака уште пред почетокот на двата пријателски натпревари, а Хари Мегваер, Џон Стоунс, Кајл Вокер и Сем Џонстон се повредија за време на натпреварите.