• Зоран Мишевски

Англиската репрезентација никогаш не ја победила селекцијата на Соединетите Американски Држави на Светските првенства, ги потсети своите избраници Герет Саутгејт, селекторот на Англија пред натпреварот меѓу двете селекции во Катар.
Репрезентациите играа двв пати на Светско првенство, во 1950 година Соединетите Американски Држави ја победија Англија со 1-0, додека во 2010 година натпреварот заврши нерешено 1-1.
„Дали некогаш сме ги победиле САД на големи турнири? „Не, мислам дека немаме победа па мора да се обидеме да испишеме историја. Добри сме да зборуваме гласно за себе како нација врз основа на многу малку докази. Она што треба да го направиме е да настапиме моќно на теренот. Знаеме дека ќе играме против многу мотивиран тим. Имаме огромна почит кон нашиот противник. Познаваме многу амеиркански играчи од нашата лига. Мораме да бидеме на најдобро ниво“, изјави англискиот селектор.
Во конкуренција за тимот ќе биде капитенот Хари Кејн, кој заздрави од повредата на левиот зглоб.
„Хари е добро. Би било храбра одлука да го оставиме надвор од стартната постава“, додаде Саутгејт.
Англија и САД вечерва од 20:00 часот ќе го затворат второто коло од групата Б на Светското првенство во Катар.