• Горан Упале

Герет Саутгејт, селекторот на фудбалската репрезентација на Англија, верува дека „Гордиот Албион“ може да го освои Светското првенство, но потенцира дека за тоа мора да одигра речиси совршен турнир.
Англичаните на последниот планетарен собир во 2018 година играа во полуфиналето, а потоа минатото лето стигнаа до финалето на Европското првенство.
„Му кажав на тимот дека ако можеме да стигнеме до полуфинале, можеме да стигнеме до финалето. Ако веќе стигнеме до финалето, тогаш можеме да ја освоиме титулата. Ќе биде исклучително тешко и ќе мора да одиграме речиси совршен турнир. Тоа ќе биде предизвик за нас, не само во Катар, туку и пред почетокот на натпреварувањето. Знаеме дека бележиме добри резултати во последните години и мислам дека сме една од селекциите кои можат да го освојат трофејот“, изјави Саутгејт.
Со кого ќе игра Англија во групната фаза ќе се знае во петок по ждрепката. Извлекувањето на топките во Доха е закажано за 18:00 часот.