ВИДЕО: Саутемптон опстана во Премиер лигата, Свонси пред портите на Чемпионшип

Екипата на Саутемптон официјално опстана во англиската Премиер лига и ќе игра во елитата и наредната сезона, затоа што во Велс успеа да слави со 0-1 (0-0) над Свонси и да ги испрати „лебедите“ на работ на испаѓање.

Двата тима беа во директен дуел за опстанок, а посреќен беше Саутемптон кој воедно имаше и повеќе од шансите. По првото полвуреме без голови, но многу прилики за гол и блесоци на голманите, трите златни бода за гостите ги донесе Маноло Габиадини, кој во 72. минута го совлада Мекарти, откако налета на една одбиена топка, по интервенција на голманот.

Поради победата на Саутемптон, во понизок ранг официјално се сели Вест Бромвич Албион. Тие се вториот патник во Чемпионшип, по Стоук. Последниот патник во втората англиска дивизија ќе биде познат по последното коло, а тоа ќе биде Свонси или Хадерсфилд.

Свонси во последното коло игра со веќе испаднатиот Стоук, додека Хадерсфилд во наредното коло има тешко гостување кај Челзи кој се бори за пласман во Лигата на шампионите.