Саудиска Арабија подготвува стадионска „револуција“ за Мундијалот во 2034 година

Саудиска Арабија веќе започна да се подготвува за Светското фудбалско првенство кое ќе се одржи за точно десет години во оваа азиска земја. 

Никој не се сомнева дека Саудијците ќе потрошат огромно богатство за беспрекорна организација на турнирот, а тоа се потврдува и со најновните информации кои велат дека државата ќе изгради и ќе реновира дури 15 ултра-модерни стадиони. 

Интересно е што стадионот „Њу Мураба“ ќе биде изграден од багремово дрво и ќе има капацитет од 45 илјади гледачи, а самиот објект ќе има облик на кањон кој се протега долж фудбалскиот терен. Стадионот „Рошн“ ќе има форма на скапоцен кристал, додека стадионот „Мохамед Бин Салман“ ќе биде поставен на висока платоформа и ќе сјае од илјадниците ЛЕД-светла. 

Најголем стадион е „Кинг Салман Интернационал“, со капацитет од 92 илјади гледачи, а неговиот дизајн е инспириран од планини и брда кои се испреплетуваат со природен пејзаж изработен од најголемите мајстори во државата. Се очекува токму тука да се одигра големото финале на Светското првенство.