• Саше Љолес
Неколку германски медиуми објавија вест дека неименуван клуб од арапскиот полуостров е сериозно заинтересиран за услугите на Хари Кејн, кому веќе му доставиле усмена понуда од неверојатни два милиони евра неделно!
Уште не е познато за кој клуб се работи, но се претпоставува дека тоа е Ал-Хилал од Саудиска Арабија, каде веќе настапуваат ѕвезди како Дарвин Нуњез, Жоао Кансело, Тео Ернандез и Сергеј Милинковиќ-Савиќ, а тренер е италијанскиот стратег Симоне Инзаги.
Агентите на Хари Кејн сериозно ја разгледале понудата и му ја претставиле на Англичанецот кој има договор со Баерн Минхен до 2027 година. Доколку Кејн се реши за преселба во Саудиска Арабија, ќе стане еден од најплатените играчи во светот. Апсолутен рекордер е Кристијано Роналдо, кој во Ал-Наср заработува околу 640.000 евра дневно.
Кејн е во убиствена форма сезонава и повторно покажа дека е меѓу најдобрите во светот. Досега постигна 17 гола во само девет одиграни натпревари за баварскиот гигант. Во неговиот договор со Баерн има откупна клаузула во висина од 65 милиони евра, сума која не е воопшто никаков проблем за саудиските клубови.






