• Зоран Мишевски
Македонската фудбалска репрезентација и Саудиска Арабија на Ерв Ренард одиграа отворен пријателски натпревар во Прага, кој на крајот им припадна на Саудијците, коии извојуваа победа од 2-1 (1-1). Околу 2.000 гледачи на стадионот на Викторија Жижков видоа отворен и изедначен натпревар, кој ќе се памети по антологиските „ножички“ на Александар Трајковски. Ова е прв наш пораз по десет натпревари, и пак на чешко тло, бидејќи последен пат загубивме на пријателскиот натпревар од Чешка на десетти јуни 2024 година.
Македонија почна со комплетно изменет тим, без Елмас, Барди и Миовски и со Станковски првпат од првата минута. Иако се одлучи за формација 5-3-2 Милевски ја настрои офанзивно нашата селекција против една од најдобрите азиски селекции. Топката повеќе во нозете ја имаа Саудијците, но не креираа шанси за гол. Во 17. минута Ал Јуваир падна во нашиот казнен простор, но контакт немаше, па судијата не досуди казнен удар.
Три минути подоцна Ал Брикан доби „пенал во движење“, но биеше млако и Столе Димитриевски рутински одбрани. Нашата прва закана беше млакиот и блокиран удар на Јани Атанасов во 25. минута, кој без проблем го одбрани Ал Санби. Во 28. минута Алобуд мина по левата страна и незгодно центрираше во средината, но Висар Муслиу во последен момент расчисти. Минута подоцна Деспотовски убаво центрираше од десната страна, но за малку задоцни Станковски во средината. Поактивната игра на Саудиска Арабија продолжи и Ал Харби се обиде од далечина, со силен удар со левата нога, но Димитриевски со врвот на прстите исфрли во корнер.
Најубавиот момент во натпреварот се случи во 40. минута. Деспотовски центрираше од десната страна, Александар Трајковски начека спектакуларни „ножички“ на втора статива и ја „искина“ мрежата на Ал Санби (0-1). Првиот дел заврши со уште еден шут на нашата „деветка“, но топката заврши за малку крај дирекот. Сепак, првиот дел заврши без наша предност. По една вертикална акција низ средината на нашата одбрана, топката стигна до Ал Брикан, кој од неколку метри ја смести во мрежата на немоќниот Димитриевски (1-1). Само пет
минути траеше нашата предност и на одмор се замина со нерешен резултат.
Трајковски, Велковски и Алиоски останаа во соблекувалната и на почетокот од вториот дел шанса добија Растодер, Илиевски и Ќамили. Првата закана во продолжението ја имаше Милан Ристовски, чиј удар профучи крај дирекот. По еден час игра шанса доби Елмас и нашиот национален тим дополнително го притисна противникот. Ќамили од работ на казнениот простор биеше во 64. минута, но од блокот топката заврши во корнер.
Следеше пад на темпото, развлечени тимови и се повеќе прекини. Столе Димитриевски во 74. минута го спаси нашиот тим, откако од неколку метри му одбрани удар на Алобуд. Следеше нова замена на Милевски и минути доби Тихомир Костадинов, кој во игра влезе на местото на Милан Ристовски. Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без победник. резервистот Абдулах Алхамдан прими една топка на дваесеттина метри и со прекрасно пласиран удар во левиот голманот агол донесе прво водство на Саудиска Арабија (2-1).
Следеше јалов обид на македонската репрезентација да се врати во натпреварот, но момците на Милевски не креираа зрели шанси до крајот. Ова е прв пораз за македонската репрезентација во 2025 година и добро е што доаѓа на пријателски, а не на официјален натпревар.
ФОТО: Фудбалска федерација на Македонија / Игор Паневски













