• Саше Љолес
Навистина неверојатни вести ни стигнуваат од Шпанија. Дел од медиумите на Пиринерите пишуваат за вртоглавата понуда која ја добил Винициус Жуниор и скоро се убедени дека Бразилецот би можел истата да ја прифати.
Имено, понудата не доаѓа само од еден неименуван клуб, туку позади неа стои и самата држава која ќе биде домаќин на Светското првенство во 2034 година. Целиот „проект“ за доведување на Винициус ќе чини огромно богатство, а се шпекулира дека бразилската ѕвезда на масата има понуда од една милијарда евра по сезона!
Според „Футмеркато“, Винициус би добил соработка во траење од пет години, но ќе мора да се обврзе да биде заштитно лице на Мундијалот во 2034 година. Саудијците би го почекале да одигра уште најмалку две сезони во Реал Мадрид, по што веднаш би го довеле кај себе и го започнале целиот проект за популаризација на фудбалот и Светското првенство.
Оваа сума е навистина неверојатна и речиси се граничи со невозможното, но се претпоставува дека Винициус би можел да ја прифати понудата и да стане убедливо најплатениот спортист на сите времиња.
Во Реал Мадрид пристигна пред шест години и оттогаш одигра 279 натпревари, на кои постигна 91 гол. Досега освои две титули во Лигата на шампионите и уште три во шпанската Примера.