• Зоран Мишевски
Во натпревар со две различни полувремиња, Рома на Жозе Мурињо извојува уште една победа во натпревар во кој прва прими гол. Во претпоследниот неделен меч од 14. коло на шампионатот на Италија, „волчицата“ го совлада Сасуоло со 1-2 (1-0). По серија на разочарувања на „Мапеи стадиум“, Рома стигна до првата победа по повеќе од пет години во Реџо Емилија.
- Извештај од натпреварот:
„Зелено-црните“ одлично почнаа и во првото полувреме целосно доминираа против финалистот на Лига Европа. По една прекрасна акција на Берарди во 25. минута, Матеус Енрике се најде на вистинското место и го совлада Руи Патрисио (1-0). Рома не креираше ниту една шанса пред домашниот гол и Мурињо мораше да менува во средниот ред, а се одлучи и за друг систем во вториот дел.
Клучниот момент во натпреварот се случи во 63. минута, кога Даниел Болока заработи втор жолт картон и Сасуоло мораше половина час да игра со човек помалку. Таквата игра го натера Дионизи да се брани, а Рома да доминира. Во 76. минута Кристенсен беше срушен во казнениот простор на Сасуоло и главниот судија покажа на белата точка. Пауло Дибала го совлада Консиљи и Рома израмни на 1-1. Само шест минути подоцна Кристенсен се најде осамен на втора статива и со помош на дефанзивецот Руан го лобуваше Консиљи за финални 1-2.
Со овие три бода Рома изби на четвртото место со 24 бода, исто колку што има и Наполи, кој вечерва го игра дербито со Интер. Сасуоло падна на петнаесеттото место со 15 бода.