Сари: Имав недоразбирање со лекарите, мислев дека Кепа е повреден!

Маурицио Сари по натпреварот меѓу Челзи и Манчестер Сити во рамки на финалето на Карабао Купот, кој заврши со триумф на „граѓаните“ по пенали, зборуваше за инцидентот кој го имаше на мечот со голманот Кепа.

Сари сакаше да го повлече Кепа од игра и да му даде шанса пеналите да ги брани Вили Кабаљеро. Но, Шпанецот одби да излезе, а Сари ги загуби нервите и почна да лудува крај клупата. По дуелот, Италијанецот образложи дека се работело за недоразбирање со лекарскиот тим и мислел дека Кепа сака да брани повреден.

„По мечот би сакал да зборувам за фудбал, затоа што одигравме добар натпревар. Имавме недоразбирање со лекарите, јас мислев дека Кепа има повреда и дека нема да може да брани, но тоа не било случај. Сфатив подоцна, откако се вратив и лекарите дојдоа до мене на клупата. Немаше потреба да го менуваме Кепа чим не бил повреден“, изјави Сари.

Стратегот на Челзи ја прокоментира и својата иднина на тренерското столче на „сините“.

„Прашајте го клубот за мојата иднина, не мене. Јас сум сигурен дека играчите стојат зад мене, судејќи по начиот на игра. Горд сум на нив. Мислам дека и клубот треба да е горд на нивното залагање и нивното издание во ова финале“, заврши предводникот на премиерлигашот.

Италијанецот е под голем притисок на клупата на Челзи, а при евентуално негово заминување, како замена се споменува француската легенда и некогашен тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан.