Сари добива отказ од Челзи по финалето на Лига Европа?

Еден од најелитните италијански спортски медиуми „Газета дело Спорт“ тврди дека Роман Абрамович ќе му врачи отказно решение на менаџерот Маурицио Сари, без разлика на исходот од финалето на Лигата на Европа, во кое Челзи ќе се судри со Арсенал. 

„Сините“ имаа турболентна сезона, а за најголем виновник се претпоставува дека е токму италијанскиот стратег. Сари е во лоши односи со навивачите, а често пати влегуваше и во конфликт со првите ѕвезди на тимот.

Челзи под негово водство успеа да се врати во Лигата на шампиони, но ниту тоа, ниту пак финалето на ЛЕ не било доволно за Абрамович, па многу веројатно од идната сезона на „Стемфорд Бриџ“ ќе пристигне нов менаџер.

„Газета“ веќе започна со шпекулациите кој ќе биде новиот клуб на Сари. Се споменуваат екипите на Рома, Милан, па дури и Јувентус, доколку Алегри го напушти Торино по крајот на сезоната.