ВИДЕО: Сантос ја „збриша“ Бока, по десет години пак во финалето на Копа Либертадорес!

Фудбалерите на Сантос славеа со убедливи 3-0 над Бока Јуниорс во реваншот од полуфиналниот двомеч во Копа Либертадорес. По одиграните 0-0 на „Бонбоњера“, синоќа на „Вила Белмиро“ во Сантос, домашниот тим беше далеку поубедлив и со еден во првото и два голa во второто полувреме се радува на пласман во финалето.

  • Извештај од натпреварот:

Натпреварот тргна со шанса на Марињо уште во првата минута, а голот на Бока го спаси стативата. Сантос играше одлично и шансите се редеа, па во еден момент кога сите застанаа да бараат пенал, Питука ја смести одбиената топка во мрежата за 1-0 во 16. минута. До полувремето предноста можеше да порасне, но Марињо пак не успеа да стрела.

Веднаш на стартот од второто полувреме се потврди дека во Бразил игра само еден тим. Џеферсон Сотелдо Мартинез погоди за 2-0, со убав продор стигна до позиција и биеше неодбранливо за удвојување на позитивата. За уште покомотна завршница на Сантос се погрижи и Лукас Брага. Марињо проби низ десната страна од шеснаесетникот и го проигра Брага на петерецот за лесна реализација и огромни 3-0.

Бока се обиде да се врати преку Карлос Тевез, ама исклучувањето на Франк Фабра во 56. минута беше дефинитивен крај на надежите за Аргентинците. И покрај бројчаната негатива, Салвио доби подарок зицер од Тевез, ама голманот Жоао Пауло му одбрани. Така, натпреварот заврши со убедлива победа за Сантос, која го води во петтото финале на Копа Либертадорес. Досега загубиле само едно и тоа во 2003 година, додека останатите три се претворени во трофеи.

Во финалето на „Маракана“ ќе се сретнат два клуба од Сао Паоло - Палмеирас и Сантос.