ВИДЕО: Сантос доживеа дебакл на свој терен, Нејмар плачеше како мало дете

Сантос можеби е во подобра форма откако Нејмар почна редовно да игра, но доживеа голем удар во синоќешниот натпревар од 20. коло од бразилската Серија А. Имено, претрпе пораз од 6-0 од Васко де Гама пред своите домашни навивачи, што го остави Нејмар во солзи.

Тоа беше дуел против, ни помалку ни повеќе, неговиот поранешен соиграч од репрезентацијата, Филипе Кутињо, кој беше еден од најдобрите играчи во натпреварот со два постигнати гола. Сантос доживеа дебакл во второто полувреме, бидејќи примија пет гола за 17 минути.

Високиот пораз го остави Нејмар во солзи по крајот од натпреварот, со оглед на тоа што сето ова се случи пред домашната публика на стадионот „Урбано Калдеира“.

Сантос се мачи оваа сезона, бидејќи цело време се наоѓа во близина на зоната за испаѓање. Моментално е на петнаесеттото место на табелата со 21 бод, само два над „црвената зона“.