• Мартин Танасковски
Бразилскиот фудбалер Нејмар нема да се врати на терен најмалку до крајот на 2025 година, што претставува огромен удар за Сантос во момент кога клубот води најтешка битка за опстанок во елитата.
Иако првичните процени по неговото отсуство од дуелот со Интернасионал укажуваа на помал проблем, деталните медицински испитувања открија повреда на менискусот, поради која за него сезоната е во целост завршена и тој ќе ги пропушти последните три кола.
Нејмар одигра три натпревари по ред, но по средбата со Мирасол почувствува болка која првично не изгледаше алармантно. Одлуката да не настапи против Интернасионал беше преземена како мерка на претпазливост со надеж дека ќе биде подготвен за дуелот со Спорт Ресифе на домашен терен. Меѓутоа, состојбата која во почетокот се сметаше за минлива, прерасна во сериозна повреда.
Ова е веќе четврта повреда за Нејмар во текот на 2025 година. Претходните три се случија во март, април и септември, што целосно го наруши неговиот ритам, го спречи да воспостави континуитет и го оддалечи од враќање во бразилската репрезентација.
Со оглед на развојот на ситуацијата, неговото учество на следното Светско првенство изгледа нереално. Сантос, истовремено, се соочува со жестока борба за опстанок во Првата лига на Бразил. Тимот се наоѓа во опасната зона, само еден бод под линијата што гарантира сигурност. Натпреварот против Спорт Ресифе добива клучно значење, бидејќи само победа го одржува клубот во директна трка за спас.
Потоа за клубот следи гостување кај Жувентуде, по што сезоната ќе биде затворена на домашен терен против Крузеиро, во меч кој би можел да ја одреди целата судбина на Сантос.

