Сањол: Не смееме да започнеме со мисла дека ни треба само уште еден бод!

Македонската фудбалска селекција ја чека уште еден важен натпревар во Лигата на нации. По поразот во Скопје од 0-3, избраниците на Благоја Милевски наострени за одмазда отпатуваа за Грузија и во Тбилиси ќе атакуваат на нова голема победа.

Лидерот во нашата група игра одличен турнир, по четири одиграни кола сè уште е без пораз, а селекторот Вили Сањол повика на претпазливост, објаснувајќи дека Македонија поседува квалитет и не смее да се потцени.

„За мене Македонија беше најдобриот тим во групата пред почетокот на натпреварите. Играа на Европско првенство и имаат одлична група на фудбалери. Тие дури и ја исфрлија Италија од Светското првенство и затоа тврдам дека оваа селекција во последните две децении оствари големи резултати.

Но, сега сме лидери во групата, сами одлучуваме за првото место и ќе бидеме многу разочарани ако не успееме да завршиме први. Не смееме да го започнеме натпреварот со мисла дека ни треба бод за прво место. Но, ако сакаме победа мораме да бидеме квалитетни на секој дел од теренот, почнувајќи од одбраната“, рече Сањол.

Францускиот стратег е задоволен од ангажираноста на своите фудбалери, иако селекцијата имаше само еден заеднички тренинг во пресрет на овој дуел.

„Имавме само еден заеднички тренинг пред овој натпревар. Задоволен сум од тоа што го видов. Мечот ќе биде на високо ниво, со голем интензитет. Ќе видиме колку ќе биде поразличен од јунскиот за нас или за Македонија. Осумнаесет месеци пред да дојдам на селекторското место, ситуацијата во тимот беше многу поразлична. Среќен сум што работам со група на млади одлични фудбалери кои имаат важна улога во своите тимови“, додаде поранешниот ас на Баерн Минхен.

Натпреварот меѓу Грузија и Македонија е закажан за утре, а по гостувањето во Тбилиси, нашите избраници ги чека уште домашен дуел со Бугарија во Скопје.