Сане прифатил петгодишен договор со Баерн, се очекува одговор од Сити

Лерој Сане

Лерој Сане постигнал договор со екипата на Баерн Минхен за петгодишна соработка. Крилниот напаѓач одамна се поврзува со преселба на „Алијанц Арена“ која би се остварила ако Манчестер Сити ја прифати понудата од Баварците.

Почетната сума која ја понуди германскиот гигант се чини прениска. Се работи за 35 милиони фунти, 11 помалку од сумата која „граѓаните“ ја платија за 24-годишникот пред четири години.

Баерн се надева дека ќе ја искористи кризата која се очекува поради пандемијата со коронавирусот. Поради тоа понуди далеку помалку од очекувањата на премиерлигашот, кој се надеваше дека на својот фудбалер ќе заработи блиску до 80 милиони фунти.

Управата на Сити ќе има голема дилема. Ако не ја прифати понудата на бундеслигашот, ќе мора да се ослободи од Сане наредното лето, кога неговиот договор со екипата од „Итихад“ истекува. Тоа е дополнителна предност за тимот на Ханс Флик во овие преговори.

Германскиот репрезентативец игра во Англија од 2016 година, кога си замина од Шалке 04. На терените не се појавил откако ги скина вкрстените лигаменти на стартот на тековната сезона.