„Самурајот“ кој мина 20.000 километри за да ги бодри Бабунски и Македонија

Македонија има навивачи насекаде во светот, па и во Јапонија, и тоа во страствениот „самурај“ Такамаша Адачи, кој мина повеќе од 20.000 километри за да ги бодри нашата репрезентација и Давид Бабунски, кој е негов омилен фудбалер.

Адачи, кој е роден во „земјата на изгрејсонцето“, живее во Јокохама, градот во кој настапува нашиот Бабунски, во редовите на Јокохама Маринос. Во разговор со Gol.mk, Такамаша раскажува дека двајцата се запознале во Јапонија, а Давид пребрзо станал негов омилен фудбалер.

„Доаѓам од Јокохама, Јапонија. А, Давид е член на нашата Јокохама Маринос. Иако сега не е во стартната постава, секогаш работи посветено и влијае добро на целиот тим. Тој е прекрасен човек. Навивачите го обожаваат“, вели Јапонецот за нашиот фудбалер.

Јапонецот изминатиов период наби голема „километража“ за да му оддаде чест на Давид. Прво беше на ЕП за млади фудбалери во Полска, а потоа, пристигна и во Струмица, за да ја гледа А-репрезентацијата на дуелот со Албанија. Вели дека ја сака нашата земја.

„Кога му кажав на Давид дека доаѓам во Македонија, ми обезбедија билет за мечот. Пристигнав во Скопје и заедно со неговата мајка со автомобил патувавме до Струмица. Ја сакам вашата земја, сите луѓе беа смирени во Скопје. Имав малку време да се прошетам, па ја посетив старата скопска чаршија. Верувам дека еден ден ќе се вратам пак“, додава Адачи.

Странците со многу пофалби зборуваат и за македонската кујна по престојот во нашата земја, но Адачи немал шанса да проба премногу од истата. Ја пофали само - пастрмајлијата, која е единствен специјалитет што успеал да го проба.

„Немав многу време да ја вкусам вашата храна затоа што тука бев само неколку часа и имав малку слободно време. Но, пробав пастрмајлија. Прекрасна беше“, заврши нашиот разговор со Јапонецот кој со големо задоволство зборуваше за својот престој во Македонија.

Адачи и Бабунски ја напуштија Македонија и се упатија кон Јокохама. Македонија доби уште еден голем навивач, а фудбалот уште еднаш покажа дека обединува. Па, дури и да се работи за огромна дистанца од 20.000 километри.