Самсоненко: Заминувањата на некои играчи се наша грешка, Панчев се обвинува неосновано

Gol.mk ексклузивно интервју

Македонскиот фудбалски првак Вардар зад себе остава историска сезона со пласман во Лигата на Европа, но истовремено го загуби и тронот во мак-фудбалот, по кошмарни резултати, со многу турбуленции и дури три променети тренери.

Сезоната ја почна Седлоски, па ја водеше Јаневски, за да ја финишира Бабунски. Приврзаниците кон црвено-црната боја не се гордеат со резултатите изминатиов период, па токму поради тоа, со сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, разговаравме и на фудбалски теми.

Кој е виновен за лошите резултати, кој ќе ја плати сметката за загубената сезона, дали ќе има промени во тимот и во стручниот штаб, дали се има верба во раководните структури и директорите, што ќе биде понатаму... се само неколку од прашањата на кои добивме одговор.

Во продолжение, следи третиот дел од интервјуто со Сергеј Самсоненко, ексклузивно за Gol.mk.

ПРВ ДЕЛ:
САМСОНЕНКО: Македонија ми е како моја земја и немам притисок, продолжувам со инвестиции во Вардар!

ВТОР ДЕЛ (РК Вардар и ЖРК Вардар):
САМСОНЕНКО: РК Вардар останува силен и екипиран, а ЖРК Вардар се распушти поради финансии

Разговара: Мартин Танасковски. Фото: Филип Вирановски.

Во Вардар се случи „ревардаризацијата“. Како гледате на истата и на враќањето на легендите во клубот?

Не би сакал да коментирам лошо за никого, а во случајов ни за Чедомир Јаневски. Дојдовме до ситуација во која моравме да го прекинеме договорот. По наша иницијатива се прекина соработката. Имам доверба во актуелната управа, почнувајќи од директорот Самоил Симев, па сѐ до сите останати. Заедно донесовме одлука. Чеде е едуциран тренер, има знаење, но резултатите беа многу лоши. Има и други нефудбалски причини за тоа, но...

Нефудбалски причини? Кои се тие?

Како на пример срамното судење кое го добивавме во последните неколку кола. За тоа испративме официјална жалба во ФФМ, ќе видиме дали ќе има реакција од нивна страна, затоа што на ништо досега што сме пријавиле, од нивна страна нема реакција. На пример, натпреварот со Скопје беше срам за македонскиот фудбал. Треба многу ригорозни мерки да се преземат, за судењето да се подобри. Не бараме алиби за резултатите, но вистината е таа. Не ми е јасно само зошто се молчи за судењето. На некои натпревари наши фудбалери се два метри пред одбраната, а им се суди офсајд. Ние доставивме снимки, тоа не е прв случај. Не разговараме тука само за Вардар. Не страдаме само ние, туку и други. Има привилегирани екипи, не би сакал да зборувам за нив и да споменувам имиња. Вардар нема ништо против ФФМ или против некој друг. Ние само сакаме соработка и некој да нѐ сослуша.

Страда македонскиот фудбал, нема добро првенство. Лошото судење и таквите игри прават голем проблем. Веќе и луѓето не доаѓаат на стадион. А, кој би сакал да дојде да гледа такви судиски игри? Судиите грешат, тоа е нормално. Но, овде како да се греши со намера. Тука ни Барселона нема да победи на пример со Скопје, ако се суди на таков начин. Нерешено ќе биде. Многу и се лежи на терените, противниците се трудат да задржат време. Повеќе се троши времето на непотребни работи отколку што се игра фудбал. Нашата екипа никогаш не го прави тоа. А против нас има многу што играат на таков начин и судиите не го санкционираат тоа со картони.

Дали бојкотот за „случајот младинец“ беше ваша лична одлука?

Одлуките кои ги носиме не се само мои, или на директорот Симев или на Панчев или на некој друг. Одлуките ги носиме групно. На таков начин решивме да се бориме против неправдата. Бевме принудени да бојкотираме затоа што на маса има правилник кој не се почитува. Шкендија сега е шампион, тоа е навистина добра екипа, но можеше и без одлуката за младинецот донесена на маса тие да бидат прваци. Клубот можеби претрпе штета, загубивме шанси во лигата и го прокоцкавме Купот. Дел од управата мислеа дека со Шкендија во Купот треба да играме со прв тим, па потоа пак да го активираме бојкотот. Но, каков бојкот ќе беше тоа ако се прифатеше промена на плановите? Ние само го одржавме зборот што го дадовме - дека ќе бојкотираме. Очекувавме некој да го забележи тоа. Како на пример Федерацијата. Дека навистина не може вака. Немам ништо против никого, искрено. Сакам само да се средат работите во македонскиот фудбал и критериумите да бидат исти за сите. И за сите да биде добро.

Сметате дека епилогот на натпревари понекогаш се знае предвреме?

Не би сакал да мислам на тоа. Само сметам дека сите што се во фудбалот треба да кренат раце и да зборуваат за грешките што пред очите на сите се случуваат. Сега барем има телевизија и интернет, сѐ може да се види лесно. Сите треба да го кренат гласот и да ја смениме заедно работата и функционирањето на македонскиот фудбал. Поради таквите работи немаме првенство. И ќе немаме воопшто ако продолжи вака. Како ќе бараме успеси со такви игри?

Има ли одреден натпревар кој посебно Ве боли, за фудбалскиот клуб?

Најтежок натпревар за мене во целата историја во Вардар е оној од третото квалификациско коло во ЛШ против Копенхаген во Данска. Имавме водство, бевме на прагот на сензација, но не успеавме. Бев многу разочаран и потресен. Но, таков е фудбалот.

Вардар плаќаше високи цени за да ја користи арената „Филип Втори“. Го кренавте гласот, се смени ли нешто потоа?

Сѐ е исто. А, ако ние не влеземе повеќе да играме на „Градски“, истото многу веројатно ќе го направи и Работнички. Наместо да добиеме помош, ние плаќаме по 3.000 евра за натпревар во првенство. За да играме во Европа треба да одиме да разговараме во Струмица? Нѐ критикуваат кога нешто Вардар ќе направи, а за другите неправди кон нас сите молчат.

Колку заработи Вардар со пласманот во Лига Европа? Има ли мирен буџет за наредната сезона со еден влез во Европа?

Нема шанси да се дојде до мирен буџет со еден влез во Европа. Едвај ни стигаат тие пари за редовни трошоци во една сезона. Поточно, за оваа. А, претходните сезони – никој не ги смета. Плус, изградениот тренинг-камп за децата во Градскиот парк, базата во Хиподром која ја користиме и другите трошоци. Јас не ги сметам тие трошоци во ова што го зборувам. Со влезот во Лига Европа ги вративме само тековните трошоци во една сезона. Добивме 3,6 милиони евра од европските натпревари и истите заминаа за плати, за организација на натпревари, за патувања, за опрема, за одржување на кампот... Кога ќе се сумира сѐ, толку е. Ако би влегле во група на ЛШ – е тогаш би имале добар профит и обезбеден буџет. Со Лига Европа заработката не е голема.

Како гледате на првиот настап во Европа? Ги оправда ли Вардар очекувањата? Се најде во силна група...

Вардар одигра многу добро низ квалификациите и дојде до групна фаза. Седлоски ја почна работата, Јаневски ја заврши. Екипата не заслужи да има такви порази како од Реал Сосиедад и Зенит. Тоа го докажавме кога игравме во Санкт Петерсбург, каде не заслуживме пораз, но загубивме 1-2. Можеби требаше и тука во Скопје да го победиме Розенборг. Не беше реално кога губевме по 0-5.

Од меч во меч во Лигата на Европа публиката се зголемуваше. Но, зошто според Вас публиката не дојде да го гледа уште од стартот првиот клуб од Македонија што играше во Лига Европа? Лош маркетинг, високи цени на влезниците, противниците или причината е друга?

Голем маркетинг не беше потребен, веќе се знаеше дека Вардар е во Лига Европа и дека во Скопје доаѓаат атрактивни имиња како Зенит и Реал Сосиедад. За останатото, немам точен одговор. Можеби цените не им одговараа на луѓето. Ние сакавме нешто да заработиме од продажба на карти. Не за мене лично, за мојот џеб, туку за клубот, за нашиот Вардар. Парите му требаат на тимот, не ми требаат мене. Можеби беа за луѓето скапи картите, имаше и реакции и критики на моменти кои многу ме изнервираа. Знам дека секаде во светот навивачите го поддржуваат својот клуб. Јас ако навивам за клубот, би платил некој денар за него. А, сите сакаат да гледаат елитни натпревари, сите сакаат Вардар да победува, а никој не сака да даде ниту еден денар за Вардар. Не е правилно и коректно кон мене и кон целиот клуб.

Јаневски си замина. Бабунски е привремено или трајно решение? Се разгледуваат ли имиња на тренерскиот пазар?

Сакам во клубот да има македонски играчи и македонски тренер. Секако, не по секоја цена, туку сето тоа да биде квалитет со кој ќе можеме да се носиме во Европа. Јас лесно можам да донесам тренер од странство. Но, сакам македонски тренер. Прв тренер кога го преземав фудбалскиот клуб ни беше Сергеј Андреев од Русија. Тој е добар тренер, го покажа тоа со АПОЕЛ, екипа која играше во групната фаза од ЛШ. Не изгубивме со нив, но немавме и шанса да победиме затоа што игравме само одбрана. Гоце Седлоски беше наш добар потег, Чедомир Јаневски исто беше посакуван македонски тренер, а сега е исто е и со Бобан Бабунски. Ќе му дадеме шанса. Ако успее, ќе го задржиме. Ако не успее, ќе бараме нов македонски тренер. Гледаме да имаме млада екипа која ќе се развива.“

Велите ќе му дадете шанса. Тоа значи дека кај Вас, Бабунски ја ужива истата доверба и по изминатите резултати во првенството?

Екипата пред Бабунски беше подобра? Резултатите беа речиси исти. Не можеме да ја процениме работата на Бобан, со лошо судење на одредени мечеви, со „тепање“ какво што имавме во Кратово, а ние имаме два црвени картони. Како можам тогаш јас да ја проценам работата на еден тренер? Некоректно е сега да правиме проценка. Не е навремено прашањето. Кога ќе ја видиме неговата вистинска работа, тогаш ќе сумираме, ќе ја изградиме вистинската слика и ќе кажеме дали работи добро или лошо. На Бабунски подоцна ќе му дадеме оценка и ќе носиме понатамошни одлуки.

За ситуацијата со клубот и сезоната без трофеј најчесто се обвинува Дарко Панчев. Заминувања на Фелипе, Муслиу, суспензиите на одредени играчи, честото менување на тим... Зарем навистина Панчев е толку многу крив?

Некоректни се таквите обвинувања на сметка на Дарко Панчев. Заминувањето на Муслиу е грешка на клубот, затоа што имавме аматерски договор со него. Не е грешка на Панчев, сите сме криви во случајов, почнувајќи од мене како сопственик, па сѐ до директори. Играчот не беше чесен кон нас со потегот, но нека му е среќно и нека размисли како ќе живее понатаму. Немаше ништо лошо меѓу нас и Муслиу, тој само ни кажа дека ќе си оди и тоа беше тоа. Ние како клуб им даваме слобода на играчите, тоа е можеби наша голема грешка.

Фелипе исто бараше сам да си замине. Еден ден дојде во канцеларија и кажа – „Сакам да останам во Вардар“. Не сакам да слушам за заминување, а би размислил само ако дојде понуда од добри клубови и ако Вардар заработи. Ако има добра понуда за Вардар, тогаш може. Потоа, пак дојде кај нас, велеше дека има неисплатени плати и дека сака да си замине. Директорот Симев му приложи банкарски извешај дека сѐ му е исплатено. Следеа нови разговори, сакаше да остане, па потоа пак реши да побара да замине, овој пат по секоја цена. Ние го ослободивме, не сакаме да чуваме незадоволни играчи.

За останатите, Балотели не сакаше никој да го пушти, Спировски сакавме исто да го задржиме. Николов исто. Дарко Велковски исто. Муслиу исто. Ги гледавме како иднината на нашиот клуб. Сите сме виновни за грешките, не треба да посочуваме. Ако бараме виновник, тоа сигурно не е Дарко Панчев. Вината е на целата управа. Не треба да делиме. Додека работиме, некој работи подобро, а некој полошо. Некој има повеќе вина, некој помалку. Но, дефинитивно, целата вина не е на грбот на Дарко. Не знам зошто толку се напаѓа тој.

Веќе се преговара со нови фудбалери?

Секако дека веќе преговараме со нови фудбалери, затоа што резултатите што ги има Вардар и сѐ што се случува во моментов воопшто не е во ред. Екипата како да се распадна по настапите во Лигата на Европа.

Мора да градиме тим, во составот од стартот на сезоната, па досега, немаме девет играчи, што е речиси цел тим - Спировски, Николов, Балотели, Фелипе, Демири, Којашевиќ, Џигаури, Велковски, Итало...

Плус тоа, имаме и многу возрасни играчи. Лично, не ми смета возраста ако играчот функционира добро и ако игра добро за Вардар. Затоа се резултатите и такви какви што се. Со некои веќе преговараме и ќе донесеме одлуки со стручниот штаб.

Каква е врската меѓу вас и „Комити“?

Oдамна ја нема вистинската бројка на „Комити“ на трибината на стадион. Според мене, тие се нашето срце. Но, мора да избришат сѐ што е поврзано со политиката, а за нив единствената „партија“ да биде ФК и РК Вардар. Мора да се тргне сѐ што не е потребно од групата, за таа да се врати и да биде онаква каква што треба да биде. За очекување е политиката да се тргне од кој било сегмент од спортот, за да функционира сѐ нормално. Јас континуирано имам коректен однос со „Комити“ – тие секогаш го поддржуваат Вардар и во добро и во лошо, тие секогаш се тука и ќе бидат тука за клубот. Го имам најголемиот респект за нив.

Се најавуваше изградба на нов стадион на Вардар. До каде е проектот?

Прва работа - едвај издржувам да го финансирам клубот, а нов стадион чини 10 милиони евра. А втора работа е прашањето – каде да го градиме? Ние претходно баравме локација секаде. Во Македонија има само два стадиони кои исполнуваат критериуми за Европа – во Скопје и во Струмица. Тоа се нашите решенија за идните натпревари.

ПРВ ДЕЛ:
САМСОНЕНКО: Македонија ми е како моја земја и немам притисок, продолжувам со инвестиции во Вардар!

ВТОР ДЕЛ (РК Вардар и ЖРК Вардар):
САМСОНЕНКО: РК Вардар останува силен и екипиран, а ЖРК Вардар се распушти поради финансии