Самсоненко и „Бет Сити“ станаа официјални партнери со гигантот Монако

Сопственикот на ракометниот и фудбалскиот клуб Вардар, Сергеј Самсоненко од денес е партнер со францускиот вицешампион Монако. Русинот потпиша двегодишен договор со своите обложувачници „Бет Сити“ со клубот од кнежевството.

Компанијата на Самсоненко веќе е спонзор на московска ЦСКА, а денес се обврза на  обложувачки партнер на некогашниот финалист на Лигата на шампионите. Монако е клуб кој е во сопственост на руски тајкуни, а во клубот игра и репрезентативецот Александр Головин. 

„Верувам дека ова е почеток на трајна соработка помеѓу Монако и „Бет Сити“. Нашата компанија долго време е вклучена во развојот на рускиот фудбал, во тесна соработка сме со ЦСКА Москва, а сега чест ми е што ќе соработуваме и со Монако. Новото партнерство ќе ни овозможи да го достигнеме високо ниво на светскиот фудбал“, рече по потписот на договорот Самсоненко.

Монако е чест учесник во Лигата на шампионите, но сезонава остана без европските натпреварувања. Летово значително се засили со доведување на млади и искусни фудбалери од цел свет. Се шпекулира дека договорот е потпишан на две години.