Сампдорија со специјални дресови на годишнината од смртта на Синиша Михајловиќ

Екипата на Сампдорија славеше со 1-2 на гостувањето кај Реџана во италијанската Серија Б, но вниманието на јавноста го привлекоа дресовите на гостинските фудбалери, кои на ракавите го имаа испечатено ликот на легендарниот Синиша Михајловиќ. 

Славниот српски фудбалер почина на денешен ден пред точно една година, а неговиот поранешен клуб реши на овој начин да му оддаде почит на играчот кој во нивниот дрес настапи на 110 натпревари. Популарниот „Миха“ ја загуби битката со леукемијата и почина на 53-годишна возраст, но фудбалската јавност не ги заборава неговите остварувања и со радост се сеќава на неговите славни играчки денови. 

Тимот на тренерот Андреа Пирло доби позитивни реакции за овој потег, а Сампдорија со оваа победа се искачи на десеттото место во Серија Б. Синиша Михајловиќ важи за еден од најдобрите српски фудбалери на сите времиња, беше освојувач на Лигата на шампионите со Црвена Звезда, а потоа имаше блескава кариера во Италија, каде настапуваше за Рома, Сампдорија, Лацио и Интер.