Сампдорија го позајми Колумбиецот Муриљо од Валенсија

Италијанскиот прволигаш Сампдорија од Џенова доведе големо засилување во одбраната. Колумбискиот интернационалец Џејсон Муриљо, кој минатата сезона Валенсија го позајми на Барселона, се сели на „Луиџи Ферарис“ на позајмица на една сезона со право на откуп.

Сампдорија ќе плати два милиони евра за да го добие Муриљо на една сезона, а следното лето ќе има предност на откуп за 12 милиони евра. Муриљо се враќа во Серија А, каде што претходно настапуваше за Интер.

Искусниот централен дефанзивец предвидено е да го замени Јоаким Андерсен, кој вчера се пресели во Лион за 30 милиони евра.