• Саше Љолес
Алваро Арбелоа е под сериозен притисок во Фулам и би можел да добие отказ доколку не успее да победи на следните два натпревари во Премиер лигата. Англиските медиуми пишуваат дека раководството му поставило ултиматум на шпанскиот тренер, чија екипа се наоѓа на последното место на табелата.
Фулам досега освои само два бода, а тешкиот пораз од Ипсвич во изминатиот викенд дополнително ја влоши ситуацијата. Според информациите од Англија, Арбелоа мора да најде начин да ги освои сите шест бода од дуелите со Хал Сити и Ковентри доколку сака да ја задржи работата.
Интересно е што поранешниот тренер на Реал Мадрид не покажува особена загриженост поради шпекулациите за својата иднина. Арбелоа порача дека притисокот е составен дел од неговата професија и дека нема намера да стравува за својата позиција.
„Можеби не знаете, но играв за најголемиот клуб во светот и го тренирав најголемиот клуб во светот. Притисокот е дел од мојот живот. Ми значи и го сакам. Јас сум тренер и никогаш не се грижам за својата позиција. Не чувствувам страв. Не можеш да бидеш тренер ако се плашиш“, изјави самоуверено Арбелоа.
Првата можност да одговори на предизвикот ќе ја има в сабота, кога Фулам ќе го пречека Хал Сити од 16:00 часот. Потоа, на 24 октомври, лондонскиот тим ќе гостува кај Ковентри, повторно во истиот термин.
Двата натпревари би можеле да бидат пресудни за иднината на Арбелоа на клупата на Фулам. Доколку не успее да ја прекине лошата серија и да освои значајни бодови, шпанскиот стратег би можел многу брзо да остане без работа.

