Само „октоподот“ Столе е светла точка, знаете колку одбрани имаше во ЛН?

Македонија има кошмарен старт во новото издание на Лигата на нации со четири порази во исто толку натпревари, а статистиката дополнително ја открива слабата игра на националниот тим.

Избраниците на Гоце Седлоски на четирите натпревари примија дури 10 голови, а бројката можеше да биде уште поголема доколку на голот не беше Столе Димитриевски.

Македонскиот голман досега запиша 21 одбрана, што го прави најуспешен голман според овој статистички параметар по првите четири кола. Втор е Белгиецот Сене Ламенс со 18 одбрани, додека ист број интервенции има и голманот на Сан Марино, Коломбо.

Сепак, лидерската позиција на Димитриевски во оваа категорија не е податок со кој Македонија може да се пофали. Напротив, бројката покажува колку често противничките репрезентации успевале да дојдат до шанса за удар кон нашиот гол.

Противниците во четирите натпревари упатиле вкупно 31 удар во рамките на голот, од кои Димитриевски одбранил 21. Тоа значи дека во просек Македонија дозволувала речиси осум удари во рамките на голот по натпревар.

„Црвено-жолтите“ двапати играа против Швајцарија и загубија со идентични 0-3, додека поразите од Шкотска на домашен терен и Словенија на гости беа со 0-2.

По четири кола Македонија останува без освоен бод, а статистиката јасно покажува дека Димитриевски има значаен удел во тоа поразите да не бидат уште поубедливи.