• Саше Љолес
Манчестер Сити се сретна во финалето на Светското клупско првенство со бразилскиот Флуминенсе, а во мечот за титулата имаше и еден интересен момент кој не беше поврзан со победникот и конечниот резултат.
Имено, единствените двајца на теренот кои беа дел од минатото финале на Мундијалот во Катар и кои сега повторно се во финалето на Светското клупско првенство, се напаѓачот на „граѓаните“, Хулијан Алварез и главнниот судија Симон Марчињак! Да биде ситуацијата уште позанимлива, истите двајца учествуваа и во финалето од Лигата на шампионите, кога Манчестер Сити извојува минимален триумф над Интер и за првпат во историјата стана европски првак. Иако Алварез остана на клупата за резерви, по трофејот на Светското првенство се радуваше и во финалето на Лигата на шампионите.
Полскиот арбитар одамна важи за еден од најдобрите во светот, а доби и исклучително висока оценка за спектакуларното финале во Катар, каде Аргентина ја совлада Франција по подобро изведување удари од белата точка. Хулиан Алварез, пак, во походот на „гаучосите“ партиципираше со четири постигнати голови и во голема мера ѝ помогна на Аргентина конечно да стигне до третата светска титула.