Само 12 држави во Европа имаат полош клупски фудбал од Македонија, Англија на врвот! 

Македонскиот клупски фудбал се наоѓа на незавидното 43. место на најновата петгодишна ранг-листа според националните коефициенти. Според податоците на платформата „Football Meets Data“, Македонија има вкупно 8.964 бода, што е јасен показател за слабите резултати на македонските клубови на европската сцена во изминатите сезони. Листата е составена од 55 држави, што значи само дванаесет имаат полош клупски фудбал од Македонија. 

Дополнителен проблем е што оваа сезона Македонија нема ниту еден претставник во лигашката, односно главната фаза од натпреварувањата на УЕФА, па нема можност да ја подобри својата позиција на оваа ранг-листа.

За разлика од Македонија, дел од земјите во регионот бележат подобри резултати. Грција направи значителен скок и се искачи на десеттата позиција со 45.812 бода, додека Унгарија напредуваше до 17. место, а Хрватска се наоѓа на 19. позиција. Србија е на 30. место, Бугарија ја зазема 29. позиција, додека Летонија напредуваше до 34. место. Чешка, пак, падна на 12. позиција.

Овие податоци уште еднаш го нагласуваат предизвикот пред македонските клубови, кои во следните сезони ќе мора да остварат значително подобри резултати во европските натпреварувања доколку сакаат да ја подобрат позицијата на Македонија и да обезбедат поповолни услови за настап на меѓународната сцена.