• Мартин Танасковски
Фудбалската репрезентација на Бразил започна да игра во свој стил и со убедлив триумф над Перу (4-0) во Бразилија дојде до петтата победа во КОНМЕБОЛ квалификациите за Светското првенство (СП) кое во 2026 година ќе се игра во САД, Мексико и Канада.
- Извештај од натпреварот:
Големиот фаворит беше под притисок на овој натпревар и мораше да слави за да се врати во колосек во битката за Мундијалот. И успеа во тоа, во меч кој доминираше, ама мора да ѝ се заблагодари и на ВАР-технологијата затоа што се поништи гол на Перу на стартот заради офсајд.
Првиот гол Бразил го даде по голем притисок, кога во 38. минута доби пенал и резултатот го отвори Рафиња. Тоа беше резултатот и на паузата, а на стартот на вториот дел дојде и вториот пенал кој пак го изведе Рафиња и во 54. минута зголеми на 2-0. Селекторот Доривал Жуниор направи две замени во 69. минута, во игра ги внесе Андреас Переира и Луис Хенрике, а двајцата му донесоа голови - првиот погоди во 71. минута, вториот во 74. минута.
Бразил е четврти во квалификациите за СП 2026 и во следното коло ќе гостува кај Венецуела. Перу, пак, е при дното на табелата, без сериозни шанси за настап на следниот Мундијал.