Салцбург славеше против ЛАСК и му го згасна шампионскиот сон

Фудбалерите на Салцбург играат неверојатно по рестартот на фудбалот во Австрија. Овојпат жртва на разиграниот состав беше ЛАСК Линц кој загуби со 3-1 во 26. коло на Бундеслигата. Одново и на оваа средба блесна Доминик Собослај кој покрај погодокот запиша и две асистенции зад своето име, по хет-трикот против Штурм минатото коло.

Иако пред прекинот на фудбалот, многумина сметаа дека ЛАСК ќе успее да дојде до титулата, бидејќи Салцбург се мачеше по заминувањето на Халанд, но паузата за нив беше добредојдена. Дополнително на тоа, на ривалот му беа одземени шест бодови. 

Денешната средба одново покажа колку се расположени младите играчи на овој клуб, па уште во осмата минута стрелаше Доминик Собослаи кој го следат најголемите клубови од Европа. Само три минути подоцна, стрелецот на првиот асистираше за Дака кој го постигна и вториот гол за домаќинот. 

Надежта за гостите ја врати Рагуз кој во 56. минута на асистенција од Холанд погоди за 2-1. Сепак, фаворитот не му дозволи многу на ЛАСК, па точка на победата стави Валчи на втора асистенција од Собослај на девет минути од истекот на регуларното време. 

Ова беше петти триумф во низа за Салцбург кој ита кон титулата, додека ЛАСК по рестартот запиша две ремија и три порази, па отпадна од трката за првото место.