„Салатарата“ се смешка: Баерн слави во Дер Класикер и избега на +11 (ВИДЕО)

Фудбалерите на Баерн Минхен направија огромен чекор кон титулата откако славеа со 3-2 на гостувањето кај Борусија Дортмунд во големото дерби на германскиот фудбал – Дер Класикер, во рамки на Бундеслига. Херој на вечерта беше Јошуа Кимих, кој со спектакуларен погодок во 87. минута го реши натпреварот и им донесе огромна радост на гостите од Минхен.

  • Извештај од натпреварот:

Иако Борусија влезе во мечот со три домашни победи во низа, како и под притисок по елиминацијата од Аталанта во Лига на шампиони, првото полувреме помина во голема борба, но со малку вистински шанси. Баерн имаше иницијатива, а најопасни беа Хари Кејн и Мајкл Олисе. Сепак, во 26. минута домаќините поведоа. Нико Шлотербек се снајде најдобро по прекин и донесе предност од 1-0.

Во вториот дел следуваше вистинска фудбалска размена на удари. Кејн израмни во 54. минута по асистенција на Серж Гнабри, а во 70. минута Англичанецот реализираше и пенал за пресврт и свој 30-ти погодок сезонава. Борусија не се предаде и во 83. минута преку Филип Свенсон по асистенција на Марсел Забицер израмни на 2-2. Кога изгледаше дека бодовите ќе бидат поделени, следуваше момент на магија. По одбиена топка по центаршут на Олисе, Кимих со фантастичен удар ја затресе мрежата за конечни 3-2.

Со оваа победа Баерн се одлепи на +11 бодови на десет кола до крајот на сезоната и практично го трасираше патот кон нова шампионска титула. Борусија се бореше до последната минута, но не успеа да извлече барем бод од уште еден спектакуларен Дер Класикер.