ВИДЕО: Салах со асистенција се „одјави“ од „Енфилд“, прв гол на Палмер по повредата!

Фудбалерите на Челзи и Ливерпул ги потврдија фаворитските улоги во 16. коло од Премиер лигата и во своите домови запишаа нови три бода на своите конта. Шампионот славеше со 2-0 (1-0) во соочувањето со Брајтон, додека со идентичен резултат заврши и натпреварот меѓу Челзи и Евертон.

  • Ливерпул - Брајтон 2-0:

„Црвените“, осоколени од победата над Интер во Лигата на шампионите, го пречекаа секогаш незгодниот Брајтон, и го отворија по само шеесет секунди игра. Екитике се најде на вистинско место по една одбиена топка и со силен удар го совлада Вербруген за прва радост на „Енфилд роуд“. По вчерашниот состанок меѓу Слот и Салах, холандскиот стратег го врати првиот ас во својот ростер, но Египќанец натпреварот го започна од клупата за резерви. 

Сепак, во 26. минута се повреди Џо Гомез, па Слот во игра го внесе токму Салах, кој на стартот од вториот дел додаде до Екитике, а овој со својот втор погодок ги постави конечните 2-0. На тој начин Салах со асистенција се „одјави“ од „Енфилд роуд“ и заминува за татковината, каде што ќе се подготвува за Африканскиот Куп на нации. Исто така, Салах го надмина Вејн Руни на вечната листа на асистенти и стрелци во Премиер лигата и сега осамна на врвот со 277, еден повеќе од легендата на Манчестер Јунајтед.

  • Челзи - Евертон 2-0:

Во Лондон екипата на Челзи немаше проблеми против Евертон и пред својата публика славеше со 2-0 (2-0). Кол Палмер го постигна својот прв гол по враќањето од повредата, откако мрежата на својот репрезентативен колега Пикфорд ја затресе во 21. минута. Асистентот на првиот гол, Мало Густо, беше автор на вториот погодок во судиското надополнување од првото полувреме. Во вториот дел мрежите мируваа на „Стемфорд Бриџ“ и бодовите останаа во Лондон.