• Иван Димовски
Фудбалерите на Ливерпул убедливо славеа во најголемото англиско дерби против Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ со 0-3 (0-2). Мечот од третото коло мина во знакот на момците во бело-црна комбинација. Мохамед Салах имаше свое шоу, бидејќи освен погодокот беше и асистент на двата гола на Луис Диаз.
- Извештај од натпреварот:
Средбата во Манчестер тргна со поништен погодок на Трент Александер Арнолд поради недозволена позиција. Ливерпул беше подобар тим на теренот, но на водечки погодок чекаше до 35. минута. Тогаш по една грешка на Касемиро акцијата се одвиваше по десната страна, Салах нафрли, а со глава во мрежата топката ја испрати Луис Диаз за 0-1.
Само седум минути подоцна Колумбиецот успеа да ја удвои предноста. Одново Касемиро беше во централна улога, загуби топка на средината на своето поле, акцијата пак се префрли на десната страна и Салах го проигра Диаз кој погоди за 0-2, резултат кој беше активен на полувремето.
Тен Хаг реагира веднаш на одморот, го пушти во игра младиот Колиер наместо Касемиро. Мо Салах по двете асистенции успеа да постигне и погодок, откако во брза транзиција доби топка пред голот од Собослаи и го матира Онана за 0-3 во 56. минута. Бргу потоа Египќанецот имаше уште една шанса, меѓутоа биеше над голот. До крајот на средбата имаше по некоја шанса на двете страни, меѓутоа резултатски промени немаше.