„Салах е единствен сигурен патник на ОИ, тој е меѓу најдобрите во светот“

Селекторот на У23 селекцијата на Египет, Шавки Гариб потврди дека има намера да го повика Мохамед Салах за дуелите на Олимписките игри во Токио. Олимписките репрезентации, иако воглавно се состојат од играчи до 23 години, сепак селекторите имаат право да повикаат тројца повозрасни фудбалери.

Самиот Гариб изјави дека ќе смета на ѕвездата од Ливерпул, бидејќи е еден од најдобрите играчи на светот. 

„Кога се во прашање сениорите, ќе го повикаме Салах. Тој е единствен за кого веќе е донесена одлуката, бидејќи е меѓу најдобрите играчи во светот. Сè уште не сум разговарал со него, но очекувам напори и од него за да се појави на Олимпијадата“, истакна селекторот.

„Олимписка норма“ Египет стекна со освојувањето на минатогодишниот Афрички куп на нации за играчи до 23 години, на кој беа домаќин. 

Инаку оваа земја учеството го сфаќа доста сериозно и предвидени се дури 16 пријателски натпревари во март и јуни, како припреми за Летните Олимписки игри.