Садику за пропуштената шанса: Понекогаш посакуваното не се остварува

Армандо Садику

Напаѓачот на албанската репрезентација, Армандо Садику ја имаше најдобрата шанса на вчерашниот меч против Македонија, кога од непосредна близина успеа да ја промаши цела рамка од голот и да ја шутне топката покрај десната статива.

Во тој момент, Албанија веќе имаше предност од 0-1, а со втор гол во нашата мрежа натпреварот секако дека ќе беше поинаков. По мечот албанскиот репрезентативец се наврати на пропуштената шанса, која можеше да значи нови три бода за Албанците:

„Имав голема шанса, но сакав да ја забијам топката на поблиската статива. Но, не секогаш посакуваното се остварува. Можев да го решам мечот и да и донесам на мојата репрезентација нови три бода. Беше тежок натпревар, а јас постојано бев меѓу тројца дефанзивци на Македонија, но тоа не треба да биде изговор. Моравме да покажеме подобра игра како тим, особено во првиот дел. Жалам за шансата, но како што реков, предвиденото не секогаш се остварува“ , изјави Садику.

Албанија со освоениот бод остана на третото место со 13 бода, а Македонија сега има 7 во пресрет на гостувањето во Италија на 6 октомври.