• Сашо Поповски

Соединетите Американски Држави запишаа убедлива победа во дуелот со Панама (5-1) и се доближија до обезбедување пласман на Светското првенство.
- САД - Панама 5-1:
Кристијан Пулишиќ диригираше со три гола во мрежата на противникот. Фудбалерот на Челзи го отвори резултатот во 17. минута, потоа реализира пенал, а за крај ја запечати судбината на гостите со заокружување на хет-трикот во второто полувреме. Во последното коло Соединетите Американски Држави ќе водат директна битка со Костарика, која има шанси да се најде на светскиот собир оваа година.
Репрезентацијата на Мексико успеа да го „скрши“ Хондурас и со еден погодок да запише значајни бодови на гостински терен (0-1).
- Хондурас - Мексико 0-1:
Последнопласираната екипа на табелата се бранеше до 70. минута, кога Едсон Алварез ја израдува својата репрезентација. Тоа беше круна на одличната игра и на доминацијата на мексиканските фудбалери до тој момент од натпреварот. Мексиканците за место на Мундијалот ќе играат против Ел Салвадор за три дена.