• Иван Димовски
Фаворитите беа безгрешни ноќва во натпреварите од квалификациите за Светското првенство во Северна Америка.
Соединетите Американски Држави демонстрираа сила и сигурност против „фенерџијата“ Хондурас, победувајќи го со 3-0 (2-0) на „Алијанц Филд“ во Минесота. Домаќинот одигра сигурно, рано поведе и лесно прокнижи нови три бода. Резултатот го отвори Вестон Мекени од Јувентус по осум минути игра. Пред полувремето, Цимерман успеа да ја удвои позитивата (2-0), додека Кристијан Пулишиќ го постави конечниот резултат во 67. минута.
- САД - Хондурас 3-0:
Ел Салвадор долго го држеше лидерот Канада, ама не успеа до крај и загуби со 0-2 (0-0). По отпорот на Салвадорците, на прв погодок се чекаше до 66. минута кога Хатчинсон го постигна водечкиот гол за Канада. Домаќинот се обиде да се наметне, ама не му појде од рака па во завршницата Џонатан Дејвид постигна уште еден гол за Канаѓаните.
- Ел Салвадор - Канада 0-2:
Во дербито на групата и директната пресметка за третото место, Мексико дома ја победи Панама (1-0). Дуелот на култната „Ацтека“ беше решен со единствениот погодок на Раул Хименез од белата точка. Мексиканците беа подобри, имаа и поништен гол, па на крајот заслужено се радуваа.
Канада со 25 бода е лидер, пред Соединетите Американски Држави и Мексико кои имаат по 21, додека Панама го држи местото кое води во баражот со 17 бода, еден повеќе од Костарика.