ВИДЕО: Рутина на „сините“ кај Њукасл, Челзи на Френки е лидер во ПЛ

Англискиот премиерлигаш Челзи си ја заврши работата на гостувањето кај Њукасл (0-2) и по девет одиграни кола привремено се искачи на лидерското место во елитата за првпат оваа сезона.

  • Извештај од натпреварот: 

Фаворитот си ја оправда улогата, одигра онолку колку што му беше потребно и ги запиша трите бода. Френк Лампард полека фаќа ритам во лигата, врза три победи во серија, шест кола не знае за неуспех... засилувањата почнаа да играат во посакуван ритам, па тоа сигурно го радува предводникот на тимот од „Стемфорд Бриџ“.

До победата на „Сент Џејмс Парк“, Челзи дојде со по еден гол во двете полувремиња. Резултатот се отвори во 10. минута, кога Фернандез си постигна несреќен автогол. Маунт по проигрување со Вернер центрира од десната страна, а стоперот налета на топката и ја смести во сопствената мрежа.

Точка на победата се стави во 65. минута, по реализација на најистурениот напаѓач Тами Абрахам. Целата работа ја заврши Тимо Вернер со страшен слалом, претрча неколку противнички фудбалери, а откако забележа дека Абрахам е сам на десната страна реши да биде несебичен и го проигра, а тој реализира.

Челзи по девет одиграни кола има 18 освоени бода, а во следното коло го чека лондонско дерби на домашен терен против Тотенхем на Мурињо. Њукасл, пак, ќе гостува кај Кристал Палас.