• Саше Љолес
Во изненадувачки потег, кој предизвика силни реакции во европските спортски кругови, Русија официјално поднесе понуда до УЕФА да ја замени Италија како ко-домаќин на Европското првенство во фудбал 2032 година, иако земјата е уште под суспензија од сите натпреварувања на УЕФА и ФИФА поради инвазијата врз Украина.
Според британскиот „Сан“, понудата доаѓа откако италијанските власти се соочуваат со сериозни финансиски и инфраструктурни проблеми, што доведе до доцнење во подготовките за првенството.
Русија, која во 2018 година беше домаќин на Светското првенство, тврди дека има „целосно подготвена инфраструктура“ и „способност да организира настан од највисоко ниво“.
Овој потег, сепак, предизвика лавина реакции во европските спортски и политички кругови. Неколку членки на УЕФА, меѓу кои Полска, Шведска и Велика Британија, остро се спротивставија на идејата Русија повторно да добие можност за меѓународно спортско домаќинство, додека трае војната во Украина.
Од друга страна, рускиот министер за спорт, Олег Матицин, изјави дека земјата „не сака да се политизира спортот“ и дека Русија „остана верен партнер на европскиот фудбал и ги има сите капацитети да го организира најдоброто Европско првенство во историјата“.