• Мартин Танасковски
Екипата на Реал Мадрид со тешка мака победи на отворањето во Лигата на шампионите. Кралскиот клуб кој важи за еден од фаворитите за тронот дома славеше над Олимпик Марсеј (2-1) со два гола од пенал, со кои се испиша и рекорд во елитата.
- Извештај од натпреварот:
Се играше 22. минута од натпреварот на „Сантијаго Бернабеу“, кога Гринвуд и Веа школски ја изиграа одбраната на „кралевите“ по грешката на Арда Ѓулер и синот на легендарниот напаѓач на Милан, го совлада Куртоа за 0-1 и молк на трибините. Сепак, неколку минути подоцна судијата Ирфан Паљто досуди пенал во корист на „кралскиот клуб“ и со тоа Реал Мадрид стигна до својот 62-ти изведен пенал во историјата на најпрестижното европско натпреварување.
Со оваа бројка мадридскиот гигант се израмни со Баерн Минхен, кој досега самостојно ја предводеше листата на клубови со најмногу досудени удари од белата точка во Лигата на шампионите. Зад нив, на третото место се наоѓа Барселона со 56 пенали, а четвртата позиција припаѓа на Манчестер Сити со 37 досудени пенали, додека Арсенал е петти со 36.
Голот од најстрога казна за 1-1 во првиот дел го постигна Килијан Мбапе, кој оваа сезона има пет гола на пет меча. Сепак, главна фигура во првиот дел беше голманот на Марсеј, Џеронимо Рули, кој имаше дури десет одбрани, што е рекорд на Лигата на шампионите.
Во вториот дел, Олимпик Марсеј играше тактички според планот. Реал Мадрид доживеа и голем удар затоа што директен црвен картон доби Дани Карвахал, кој влезе на терен на местото на Трент Александер-Арнолд кој се повреди во првиот дел. Бекот со глава го удри Рули и судијата доби повик од ВАР-собата, по кој одлучи да го исклучи највозрасниот фудбалер на шпанскиот вицешампион. Сепак, едно невнимание донесе нов пенал за домашниот тим, кој го реализира Килијан Мбапе, за три бода за шпанскиот гигант и рекорд по бројот на досудени пенали во елитата.

