ВИДЕО: Рулетот застана на црвено, Ливерпул е СУПЕР-ШАМПИОН на Европа!

Ливерпул е освојувач на Суперкупот на Европа, откако во драматично финале во Истанбул, го совлада Челзи по изведување на пенали со 5-4, откако натпреварот во регуларниот тек заврши 1-1, а по 30-минутното продолжение 2-2.

  • Извештај од натпреварот: 

„Црвените“ започнаа поагресивни и како резултат на таквата игра, Салах имаше голема шанса, изби пред Кепа, но неговата дијагонала шпанскиот голман ја прочита. Се закани и Мане, со „ножички“ и со глава, но пак голманот на Челзи беше на место.

„Сините“ своето темпо го наметнаа во втората половина од полувремето. Ударот на Педро во 21. минута заврши крај голот, а две минути подоцна пак се најде пред дебитантот Адриан, одлично биеше, но пречката го спаси Ливерпул.

Сепак, подобрата игра на момците на Лампард вроди со плод во 36. минута, кога по додавањето на Пулишиќ, Французинот Жиру со прецизна дијагонала го отвори резултатот (0-1). Неколку минути подоцна Кристијан Пулишиќ постигна мајсторски гол, но на зачетокот на акцијата се најде во недозволена позиција и голот беше оправдано поништен. 

На почетокот од вториот дел Фирмино го замени Оксел-Чембрлејн и веднаш остави трага на натпреварот. По неговото додавање, Мане стигна пред Кепа и ја втурна топката во мрежата (1-1). Две минути подоцна шанса имаше Фирмино, но неговиот удар, Кепа со крајни напори го одбрани. 

По еден час игра Клоп го внесе Вајналдум на местото на Милнер. Во 75. минута по ударот на Салах и одбиената топка од Кепа, налета Ван Дајк, но неговиот удар заврши во пречката од голот на Челзи. Во 83. минута нововлезениот Маунт се најде во офсајд и по вторпат на Челзи оправдано му беше поништен погодок заради недозволена позиција. Лампард во последните 20 минути ги изврши сите три замени, внесувајќи ги Абрахам, Маунт и Томори. По многу емоции сепак немаше победник во 90 минути и Суперкуп дуелот влезе во продолженија. 

Како што започна вториот дел, така почна и првото продолжение. Мане со инвидуална мајсторија во 95. минута ја „искина“ мрежата на Кепа и првпат донесе водство за „црвените“ (2-1). Сепак, не се чекаше предолго на реакцијата на лондонскиот клуб и по грешката на Адриан, го сруши Абрахам и Стефани Фрапарт покажа на белата точка. Жоргињо го матира шпанскиот голман за 2-2. „Сините“ дури и можеа да поведат, но Абрахам, по акцијата на Педро, биеше за малку крај дирекот. 

Клоп го замени уморниот Мане со Ориги, но Ливерпул не беше во состојба целосно да го притисне младиот тим на Челзи. Во 113. минута Адриан со супер-парада го спаси својот тим по ударот на Маунт, а потоа и Педро се закани, но биеше крај дирекот. 

По изведувањето на казнени удари, девет изведувачи по ред беа перфектни, но Адриан го одбрани ударот на Абрахам и на Ливерпул му донесе втора титула во неполно три месеци.