• Саше Љолес
Германскиот репрезентативец и еден од столбовите на одбраната на Реал Мадрид, Антонио Рудигер, официјално го продолжи договорот со шпанскиот гигант.
Новиот договор на искусниот стопер ќе важи до 30 јуни следната година, со што Рудигер ќе остане на „Сантијаго Бернабеу“ најмалку уште една сезона. Продолжувањето на соработката беше очекувано уште од крајот на сезоната, а сега доби и официјална потврда.
Рудигер пристигна во Реал Мадрид во 2022 година како слободен агент по заминувањето од Челзи и брзо се наметна како еден од најважните дефанзивци во тимот. Во дресот на „кралевите“ освои повеќе трофеи, меѓу кои и титули во Примера и во Лигата на шампионите.
Иако имаше интерес од други клубови, 33-годишниот дефанзивец реши да остане во Мадрид и да продолжи да биде дел од проектот на клубот. Според шпанските медиуми, Рудигер прифатил едногодишно продолжување, во согласност со политиката на Реал Мадрид за фудбалерите постари од 30 години.
Со новиот договор, Реал Мадрид обезбедува дополнителна стабилност во последната линија на тимот во пресрет на новата сезона.

