• Мартин Танасковски
Екипата на Розенборг ги врши последните подготовки пред натпреварот против Вардар во Лига Европа, а од таборот на норвешкиот тим имаат голем респект кон македонскиот првак, кој за првпат во историјата игра во групната фаза на едно европско натпреварување.
Кере Ингебригтсен, тренерот на Розенборг, вели дека очекува тежок натпревар затоа што Вардар има голем квалитет и оваа година успеал да победи големи фудбалски имиња како Малме и Фенербахче.
„Вардар успеа да ги победи Малме и Фенербахче во квалификациите, па така, без сомневање очекувам тежок натпревар. Но, ние ќе играме офанзивен фудбал, различен од оној против Реал Сосиедад. Здравствениот билтен е во ред, очекувам добро издание пред нашата публика“, изјави тренерот на Розенборг пред средбата.
И Вардар и Розенборг ќе ги бараат своите први бодови во Лига Европа. Вардар во првото коло загуби од Зенит (0-5), додека Розенборг на гостувањето во Шпанија кај Реал Сосиедад загуби со 0-4.