Розе: Елмас има искуство, но потребно е време да се навикне на новиот тим

Тренерот на РБ Лајпциг, Марко Розе, во разговор со медиумите го најави почетниот состав за натпреварот против Баерн Минхен, а воедно доби прашање и за нашиот репрезентативец Ељиф Елмас, кој не ја добива посакуваната минутажа откако пристигна во Германија. 

РБ Лајпциг ќе се соочи со минхенскиот гигант во рамките на 23. коло од Бундеслигата, а извесно е дека нашиот Елмас одново ќе го започне натпреварот од клупата за резерви. Розе вели дека „дијамантот“ уште е во процес на адаптација, но силно верува во неговите фудбалски квалитети и најави дека ќе смета повеќе на него во иднина. 

„Ељиф е одличен фудбалер кој поседува одлични карактеристики. Стратешки, тој е одличен играч, може да ја забави топката, но може и да ја забрза. Мора уште да поработи на своите должности на секој дел од теренот и да ја разбере својата позиција.

Тој може да постигнува и голови, но и да дели клучни додавања во нападот. Има големо искуство од Наполи, но треба време за да се поврзе со играта на овој тим“, изјави Розе. 

Откако пристигна во РБ Лајпциг, Ељиф Елмас добиваше минутажа на „лажичка“ и досега настапи на пет натпревари. Македонскиот репрезентативец ќе се обиде да се избори за место во првиот тим, но очигледно за тоа ќе му биде потребно уште време за аклиматизација во новата средина.