Роналдо во одбрана на Нејмар: Судиите мора да го заштитат!

Живата бразилска фудбалска легенда, Роналдо, застана во одбрана на својот сонародник, Нејмар, поради големите критики кои ги трпи во последниот период.

Голем е бројот на критичари кои сметаат дека Нејмар повеќе мисли на симулација отколку на игра, иако мора да се признае дека тој е и најфаулираниот фудбалер на Мундијалот во Русија.

„Во фудбалот секој си има свое мислење, но јас не се согласувам со оние на Ширер и Линекер. Тие двајца упатија остри критики за Нејмар, а не го гледаат фактот какви удари тој трпи од противничките фудбалери. Голем број од фудбалерите прават фаули врз него со една единствена цел, а тоа е да го повредат. Нешто слично ми се случуваше и мене и поради тоа тој мора да биде заштитен од судиите“, изјави Роналдо.

Нејмар и Бразил во четвртфиналето играат против репрезентацијата на Белгија. Во досегашниот тек на Мундијалот, Нејмар постигна два гола, а еднаш им асистираше на своите соиграчи.