ВИДЕО: Роналдо повторно доминантен, Јуве лесно се справи со Кротоне

По болниот пораз во дербито од Наполи, италијанскиот шампион Јувентус веднаш се стабилизира во Серија А и вечерва запиша убедлива победа на дуелот против Кротоне (3-0), со која направи скок од три места на табелата и сега е на третата позиција со 45 бода, но и натпревар помалку од миланските гиганти кои се пред него.

  • Извештај од натпреварот: 

Дуелот на „Јувентус Алијанц Стадиум“ во Торино започна со мирна и повлечена игра на двете екипи. Иако се очекуваше дека Јуве ќе биде тој кој од првата минута со сите сили ќе го нападне голот на противникот, момците на Андреа Пирло играа трпеливо и ја чекаа својата шанса. А, таа стигна дури во самиот финиш од првиот дел и на сцена стапи Кристијано Роналдо. Најдобриот играч на „старата дама“ со два брзи гола уште еднаш покажа дека игра во одлична форма и го мина Ромелу Лукаку на лидерското место во листата на стрелците (18).

Португалскиот ас во 38. минута со прецизен удар со глава го отвори резултатот, а шест минути подоцна повторно ги покажа своите натчовечки способности, откако со небески скок се „заборави во воздух“ и со нов удар со глава донесе убедлива предност за шампионот. Веднаш по вториот погодок, Роналдо имаше колосална шанса за хет-трик, но овој пат со нога промаши од неколку метри.

Шампионот и во вториот дел ја имаше иницијативата и знаеше како да го неутрализира противникот, а притоа и да креира шанси и да постигне уште еден гол. По една мешаница пред гостинскиот петерец, топката среќно дојде до МекКени, кој од непосредна близина го пронајде патот до мрежата и ги постави конечните 3-0. До крајот на натпреварот шанси за нов погодок имаа Киеза и Роналдо, но резултатот остана непроменет.