Роналдо: Последната мотивација за мене е да постигнам 1.000 голови!

Кристијано Роналдо повторно се најде во центарот на вниманието со неколку интересни изјави деновиве, а особено внимание предизвика онаа во која вели дека никој не може да достигне неговиот голгетерски учинок. 

Португалецот во разговор со медиумите зборуваше за можноста да стигне до бројката од 1.000 голови во кариерата, но вели дека не се отповарува со тоа зашто знае дека и досегашниот учинок е само сон за други „расни“ стрелци. 

„Знам дека во моментов имам постигнато 908 голови во кариерата. Бројката од 1,000 погодоци можеби се чини близу, но тоа не е така едноставно. И да не успеам, знам дека зад себе оставив учинок кој нема да биде достигнат. 

Има многу одлични напаѓачи во светот, но тие постигнуваат по 20-30 гола годишно. За овие цифри ќе треба малку повеќе да се испотат и да се потрудат во животот.

Јас минав низ пекол како дете и работев напорно за да го достигнам моето ниво. Мислам дека последна моја мотивација во кариерата е да стигнам до оваа фантастична бројка, па ќе видиме дали ќе успеам, рече ѕвездата на Ал-Наср. 

Роналдо сезонава има постигнато осум гола и две асистенции, а неговиот тим во моментов е третопласиран на табелата, со шест бода помалку од лидерот Ал-Хилал.