ВИДЕО: Роналдо подготвен за ЕП, Португалија убедлива против Израел

Фудбалската репрезентација на Португалија со победа ги затвори подготовките за Европското првенство. Пред заминувањето за Будимпешта, актуелниот бранител на континенталната круна одигра контролен натпревар со Израел, кој го реши во своја полза, со резултат 4-0 (2-0).

  • Извештај од натпреварот:

Искусниот стратег на клупата на Португалија со речиси најсилен состав го започна натпреварот во Лисабон, а неговите избраници покажаа одлична игра во двата правци и со оглед на настаните во текот на сите 90 минути можат да жалат што не извојуваа поубедлива победа.

„Европските Бразилци“ уште од самиот старт имаа контрола врз играта, но отпорот на противникот го скршија дури во финишот од првиот дел. Резултатот го отвори Бруно Фернандез, кој на асистенција на Кансело погоди за 1-0, додека две минути подоцна (44-та), првата ѕвезда на Португалија, Кристијано Роналдо најави дека е подготвен за европскиот шампионат и стрелаше за 2-0.

Одличниот бек на Манчестер Сити, Кансело по серијата неискористени шанси на своите соиграчи, во 86. минута ја погоди целта за 3-0, додека Бруно пред самиот судиски свиреж ги постави конечните 4-0. Португалија во првото коло од Европското првенство ќе се сретне со Унгарија, на „Пушкаш Арена“, а потоа следуваат мега-дуелите со Германија и Франција.