ВИДЕО: Роналдо на списокот го стави и Катар и продолжи да урива рекорди

Фудбалската репрезентација на Португалија го искористи слободниот термин за пријателски натпревар и славеше над Катар (3-0) во дуел кој се одигра во Алгарве.

  • Извештај од натпреварот:

На овој меч во фокусот беше еден од најдобрите фудбалери во историјата, Кристијано Роналдо. Напаѓачот на Манчестер Јунајтед стартуваше од првата минута и успеа да го отвори резултатот, откако се снајде добро во казнениот простор по асистенција на Далот во 37. минута.

Со овој погодок, Роналдо на листата на репрезентации на кои им дал гол го стави и Катар. Воедно, Португалецот продолжи да испишува рекорди, со 112 интернационален гол, со 46 нации на кои им постигнувал погодок и воедно како играч со 181 настапи во дресот со државниот грб, што е најмногу за еден Европеец.

На стартот на второто полувреме Роналдо ја напушти средбата. Вториот гол на дуелот на „Естадио Алгарве“ го даде Жоао Фонте, кој во 48. минута ја стресе мрежата на домаќинот на следниот Мундијал по проигрување од Карваљо, додека конечниот епилог беше дело на Андре Силва пред самиот крај.

За Португалците дуелот со Катар беше загревање за средбата против Луксембург во рамки на квалификациите за СП 2022, закажана на 12 октомври на домашен терен.