Роналдо: Ќе ме гледате уште некое време, ќе играм и на ЕП 2024

Кристијано Роналдо изјави дека сака да игра за португалската репрезентација на Европското првенство во 2024 година, кое ќе се одржи во Германија.

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед соопшти дека Светското првенство во Катар годинава нема да биде последното големо натпреварување во неговата кариера.

„Моето патување не е завршено. Ќе бидам дел од Светското првенство, а сакам да играм и на Европското првенство во 2024 година. Ќе ме гледате уште некое време“, изјави португалскиот репрезентативец.

Роналдо во февруари ќе наполни 38 години. За репрезентацијата на Португалија одигра 189 натпревари и постигна 117 голови, а со националниот тим го освои и Европското првенство во 2016 година.