Роналдо ја повлече кандидатурата за претседател на Бразилската федерација

Легендарниот бразилски фудбалер Роналдо се повлече од трката за претседател на фудбалската федерација на Бразил, откако не успеа да собере доволно поддршка од регионалните федерации за да ја претстави својата кандидатура.

Роналдо ја објави својата намера да се кандидира за претседател во декември во обид да го „врати престижот и почитта што Бразил отсекогаш ги имал“ по години на контроверзии околу управувањето со локалната фудбалска централа.

Сепак, поранешниот напаѓач на Барселона, Интер и Реал Мадрид дошол до заклучок дека нема да може да му се спротивстави на актуелниот претседател Едналдо Родригез, кој има поддршка од речиси сите со право на глас.

„Во мојот прв контакт со 27-те регионални федерации, наидов на 23 затворени врати. Ако мнозинството од луѓето кои носат одлуки веруваат дека бразилскиот фудбал е во добри раце, не е важно што мислам јас“, рече поранешниот фудбалер, освојувач на „Златната топка“.

На изборите право на глас имаат 27-те регионални федерации, секоја добива по три гласа, додека дваесетте клубови од елитната Серија А добиваат по два гласа, а дваесетте второлигаши во Серија Б по еден глас.

Родригез веројатно ќе биде единствениот кандидат на изборите следната година.