ВИДЕО: Роналдо и Дибала му сервираа одмазда на Наполи, мала минутажа за Елмас

Роналдо Јуве

Ељиф Елмас доби шанса во последните 15 минути на дербито, во кое Јувентус го надигра Наполи (2-1) во заостанатиот натпревар од третото коло во Серија А. „Старата дама“ скокна на третото место и му зададе удар на ривалот за место во Лигата на шампионите.

  • Извештај од натпреварот: 

Дербито на „Јувентус Алијанц Стадиум“ започна со поофанзивна игра на домаќинот и супер-можност на Кристијано Роналдо уште во втората минута. Португалскиот ас доби фантастична топка од Данило, но неочекувано за фудбалер од негов калибар, ја промаши цела топка со глава и не реализира колосална шанса за водство на Јувентус.

Сепак, поранешниот ас на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид по само десет минути се извади за промашениот зицер и ги израдува фановите, откако на асистенција на Киеза погоди за заслужена предност на шампионот од 1-0. До крајот на првиот дел, Јуве играше искусно и во ниту еден момент не му дозволи на големиот ривал да се закани кон голот на Шчесни.

Џенаро Гатузо свесен дека неговите избраници одиграа полувреме под своето ниво, беше приморан уште на стартот на вториот дел да направи две офанзивни замени, но ниту тоа не ја промени сликата на теренот. Јуве продолжи да ја контролира играта, а „џокерот“ на Пирло, Пауло Дибала само што влезе во игра, во 73. минута стави точка на натпреварот со својот прв гол по долгата пауза заради повреда. 

Неизвесност имаше во надополнувањето на мечот, бидејќи Кјелини направи пенал, кој успешно го реализира Инсиње. За жал на гостите немаше многу време за нов одговор од „наполитанците“, кои си заминаа дома со празни раце.